Емоциите се неизбежен дел од секој од нас и секоја работна средина. Тие влијаат на начинот на кој комуницираме, донесуваме одлуки, се справуваме со притисок, влегуваме во конфликти, градиме доверба и соработуваме со другите, создаваме и оджуваме.
Затоа, емоционалната интелигенција не е само способност да ги препознаеме емоциите. Вистинскиот развој започнува кога учиме да ги разбереме, да ја препознаеме нивната функција и да ги користиме на конструктивен начин во односите со другите.
Клод Штајнер, еден од значајните автори во Трансакциската анализа, го развива концептот на емоционална писменост, која ја опишува како „емоционална интелигенција со срце“ знаењето за емоциите да го користиме свесно и искрено.
Да бидеме емоционално писмени значи да развиваме способност да препознаеме што чувствуваме и зошто, да ги разбереме емоциите на другите и свесно да избереме како ќе реагираме.
Според Штајнер, развојот на емоционалната писменост вклучува пет важни способности:
препознавање на сопствените емоции,
развивање емпатија, управување со емоциите,
способност да ја корегираме емоционалната штета во односите и
емоционална интерактивност.
Кога подобро ги разбираме сопствените емоции, полесно можеме да ги разбереме и емоциите на другиот. Така ја развиваме емпатијата.
Во организациите
Во работната средина, емоционалната писменост е битна за сите. Начинот на кој луѓето ги препознаваат, изразуваат и регулираат своите емоции директно се одразува врз квалитетот на односите, соработката и перформансот.
Кога емоциите се игнорираат или се потиснуваат, тие можат да се акумулираат и да се појават преку непожелни реакции, тензии или конфликти.
Секако е многу важна е и способноста да го поправиме односот кога сме реагирале несоодветно.
Програмите за Емоционална писменост и емоционална интелигенција се насочени кон развивање поголема самосвесност, разбирање на функцијата на емоциите, емпатија, емоционална регулација и поконструктивна комуникација.
Посебно внимание се посветува на препознавањето на автентичните и заменските емоции, разбирањето на емоционалните реакции во стресни ситуации и развивањето способност конфликтот да се користи како простор за дијалог, учење и промена.
Емоционалната писменост не значи да имаме помалку емоции.
Таа значи подобро да ги разбираме и посвесно да избираме што ќе направиме со нив.
За организациите, тоа значи лидери и тимови кои можат да разговараат и кога е тешко, да градат односи засновани на почитување и да создаваат работна средина во која луѓето можат да соработуваат, да преземаат одговорност и да се развиваат.